авг 28
Кога тепаш, удри за да убиеш. Тоа е мотото на Охрид во 21-от век.
Денес е Успение на Пресвета Богородица. Во Охрид имало 365 цркви, за секој ден во годината по една. Така пишува во туристичките брошури.
Во нив не пишува дека во Охрид може да ти се случи да те претепаат до смрт.
Но, не грижете се, од денеска тоа го знаат сите што некогаш биле или ќе сакаат да дојдат во Охрид.
Можеби им е попаметно да почнат да ја посетуваат Струга?
Таму можеби полесно се преживува?
авг 04
Опозицијата отиде на одмор. Ги остави новинарите да ја бијат нејзината битка.
А новинарите сироти, пишуваат ли, пишуваат. Се плашат да не ја изгубат работата. Некој голем опозициски политичар да не им ја земе за да пишува колумни, и така да се бори за власт. Слушнале дека така и Груевски влегол во власта, пишувајќи колумни, или интервју беше некое?
Груевски може да си биде мирен, и на раат да го шиша македонскиот словенско-антички вардарски вмровски народ, со ваква опозиција ќе си владее бар уште една деценија. Подобро е прв во Македонија отколку последен во Европа.
Што ни е гајле што Македонија е последна во Европа.
јул 31
Секој коментар на оваа колумна во Нова Македонија е излишен.
Колумната е: Победата кај Херонеја – прв македонски Илинден од Васил Иљов, советник конзерватор. Па вели вака:
„На 2 август 2010 година се навршуваат 2.348 години од епохалната победа на македонската војска под водство на генијалниот македонски цар Филип Втори Македонски кај Херонеја, која го промени не само македонскиот свет на Македонскиот Полуостров и по островите на Македонското Море, туку ги постави темелите на напредната глобализација на целокупниот цивилизиран свет.“
Па понатаму:
„По брилијантната македонска победа кај Херонеја, Филип Втори Македонски не дозволил очекувани репресалии, казнени експедиции, гарнизони, масовни прогонства, марионетски хунти и окупациска војска. Тој на најсуптилен начин ја обезбедил македонската хегемонија над таканаречените градови-државички на Атина, Теба и на нивните сојузници и се зафатил со радикални економски, монетарни, воени, образовни, административни итн. реформи, кои го преобразиле македонското царство во најмодерна држава во светот, а македонската војска во најмодерна, најрационална и најефикасна воена формација во светот.“
И на крајот:
„Македонија и победата кај Херонеја се ука и поука за Атина, ЕУ, НАТО и др. Долго се паметат и тешко се поднесуваат историските порази, па затоа антимакедонизмот упорно уништува и граби сé што е македонско и води беспоштедна војна за промена на нашето најстаро име на светот: Македонија. Петтиот Илинден е нова славна Херонеја за одбрана на македонското достоинство, на македонскиот идентитет и интегритет.“
Јака ви душа Македонци, ќе ви треба.
јул 28
Според анкетата на институтот Павел Шатев, од Канал 5:
„Дури 57,4 проценти од граѓаните на Македонија одговориле негативно на прашањето – Ако утре има референдум за промена на името со цел влез во НАТО и ЕУ ,како би гласале.
30,7 проценти би гласале за промена на името,а 11,9 проценти не знаат.
56,3 проценти од граѓаните не знаат кој подобро би се справил со економската криза-СДСМ или ВМРО ДПМНЕ.Дека подобро би се справила Владата на ВМРО ДПМНЕ сметаат 29,2 процети,а дека подобро би се справила Владата на СДСМ 14,5 проценти.
Институтот Павел Шатев кој ја направи анкетата постави прашање-Дали додека Бранко Црвенковски е на чело на СДСМ оваа партија може да се врати на власт. Потврдно одговориле 24,6 проценти,негативно 43,7,а немале одговор 31,7 проценти.
Кој ќе победи ако има избори наесен-сосодносот ВМРО ДПМНЕ – СДСМ е 36,8-10,7.Не знаат 43,6 проценти.
Анкетата е направена од 11 до 18 јули.“
Значи народот е против промена на името заради влез во ЕУ и НАТО, на избори наесен би гласале триипол пати повеќе за ВМРО и додека е Бранко на чело на СДСМ – оваа партија не можела да се врати на власт. Народот си го кажа своето по тие прашања.
Останува институтот да направи анкета и народот да се изјасни што мисли за невработеноста, сиромаштијата, немањето инвестиции, меѓуетничките односи ….
Но, сепак мислам дека таква анкета не е потребна.
ВМРО ДПМНЕ на чело со Груевски се долгорочното решение на сите македонски проблеми. Другите партии можат слободно да си се распуштат. Немаат шанси.
Патувај Европо, немој веќе да не чекаш, нам ни е добро …….
јул 26
На Канал 5 јавуваат дека на Јутјуб имало видео клипче како ќе изгледала фонтаната под споменикот на Александар, кој е во изработка. И уште велат:
„Во коментарите за видеото објавено на Јутјуб се наведува дека покрај лавовите кои го чуваат Александар треба да има и припадници на македонската фаланга. Во еден од коментарите се наведува дека да се гради споменик на Александар во Атина е исто како да се постави споменик на Хитлер во Израел.“
А јас би прашал, дали ако се гради споменик на Александар во Скопје е исто како да се постави споменик на Хитлер во Берлин?
јул 26
Јас би ве запрашал, која е разликата помеѓу Љубчо Георгиевски и Јован Вранишковски?
И двајцата се против Македонија, и двајцата имаат брадички и си личат, и двајцата биле некогаш, ама веќе не се Македонци, отприлика се на иста возраст.
И сега најважното – и двајцата се некакви „фили“, и секако и двајцата се имаат збогатено (украдено) од македонскиот народ.
Едниот е бугарофил, а другиот србо-гркофил, и првиот има украдено и се има збогатено далеку повеќе од вториот.
Едниот не го признава македонскиот народ, а другиот – македонската црква.
Според мене овие двајца се многу слични помеѓу себе.
И никако не ми е јасно како е тоа можно едниот од нив да биде обожуван од добра половина Македонци во блиското минато, а во сегашноста да не е гонет за ништо и дури има шанси повторно да влезе во македонскиот парламент на следните избори, а другиов да е редовно или во затвор, или е осуден или е во судска постапка.
Има ли некој што може ова да ми го објасни?
јул 18
Еве еден пример како самото тоа што се земја членка на Европската унија ги прави Романците и Романките понапредни во своите сфаќања.
Manekenka osniva stranku za lepe ljude
Тука: http://www.dodirnime.com/zanimljivosti/manekenka-osniva-stranku-za-lepe-ljude/
И тука: http://www.blic.rs/Slobodno-vreme/Zanimljivosti/198406/Manekenka-osniva-stranku-za-lepe-ljude
Ќе признаете дека ова е одлична идеја за трета опција.
Исто така колку се разликуваме во ставовите кои треба да бидат туристичките водичи:
„Buduća predsednica stranke lepih ljudi vrlo je posvećena ideji promocije Rumunije kao turističke destinacije: ona je zaključila da bi tu zemlju posećivalo više ljudi kada bi kao turistički vodiči radile samo manekenke u kupaćim kostimima.“
Кај нас, како што знам, за туристички водич пожелно е да се биде археолог, за да може што поубаво да им се објасни на странците нашата богата археолошка понуда.
И пожелно е водичите да имаат по два-три часовника на рацете …..
Каква разлика во менталните склопови, која произведува исто таква разлика и во инвестициите и во туризмот.
Ај, во 2020 година може ќе ни текне и нам нешто.
јул 17
Не прашувај за кого бијат камбаните, тие бијат за тебе!
Најпознатата реченица на Ернест Хемингвеј може да се каже и на друг начин:
Ако не знаеш за кого бијат камбаните, тогаш тие бијат за тебе!
Или во денешно време, преносно коцкарски кажано:
Ако седнеш да играш покер и не знаеш кој ќе биде наместен, тогаш ти си тој што ќе биде наместен.
Или уште поденешно, актуелно политички кажано:
Ако не знаеш што е договорено за името, какви сé планови се во игра и кој на крајот ќе биде поразениот – тогаш ти си тој што е договорено да биде поразениот.
Македонскиот народ не е информиран за текот на преговорите.
Македонскиот народ не е информиран за тоа кои се можните решенија и дали е нешто договорено.
Македонскиот народ ништо не знае за преговорите за името.
Целосната одговорност околу преговорите за името ја сноси премиерот Груевски.
И тој ништо не кажува.
Да потсетам, генијалниот писател Ернест Хемингвеј не напишал без причина:
Не прашувај за кого бијат камбаните, тие бијат за тебе!
јул 14
Тоа што е за Србија – Косово, тоа е за Македонија – името.
Услов за влез во ЕУ и НАТО за Македонија е промена на името, а за Србија е признавање на Косово.
На прв поглед овие услови се неисполниви, поради тоа што македонскиот и српскиот народ се многу горди и нема да потклекнат пред уцените на меѓународната заедница.
Македонците никако нема да дозволат да се откажат од своето вековно име, за кое крв лееле генерации и генерации.
Србите нема теорија да дозволат да се откажат од Косово, колевката на српството, во која сега лежат албански бебиња.
Но, истовремено, Србите масовно си ги продаваа имотите на Косово и се отселуваа од таму.
Македонците масовно вадат пасоши од соседните држави членки на ЕУ, поради тоа што ЕУ им е потребна.
Значи народот не е толку „принципиелен“ како власта. Властодршците во Србија и Македонија се непопустливи по тие прашања.
А зошто?
Зарем толку политичарите се попатриотски расположени и повеќе си ја сакаат својата држава од народот?
Единствена причина за „тврдокорноста“ на властодршците во Србија и Македонија е што „секирата им е падната во медот“ и сé додека има мед – им одговара секојдневно по медиумите да се расправа за: името, името, името, а во Србија за Косово, Косово, Косово, па понатаму: не го даваме името, не го даваме името, не го даваме името, а во Србија: не го даваме Косово, не го даваме Косово, не го даваме Косово ….
Крунски доказ за оваа моја теза е дека и Али Ахмети не го дава името, има доволно мед и за него.
А народот нема за што да му ја мисли, ако не му се допаѓа – тука се Канада и Австралија ….
јул 13
Читам денеска во Утрински весник дека власта броела ситно за компромисот со Грција и дека септември бил последниот рок за распишување на референдумот.
Но, понатаму текстот продолжува со едно „ако“, па веднаш подоцна има уште едно „ако“, така да лесно е да се дојде до заклучок дека насловот и воведот е само маркетиншки трик на весникот да привлече повеќе читатели.
Значи весникот го користи проблемот што го има Македонија со името, за да привлече повеќе читатели.
Такво нешто слично прави и премиерот Груевски за да привлече повеќе гласачи.
Де преговара, де разговара, де само што не е постигнат договор, па – ресет: името не го даваме – премиерот го одбрани името.
Утредента пак, преговара, разговара, Македонија е многу блиску до решавање на проблемот, па пак следува – ресет: името не го даваме – премиерот го одбрани името.
Задутре пак истото, да не се повторувам.
Значи премиерот секои три-четири дена успева барем по еднаш да го одбрани името Македонија и со тоа да привлече гласачи, кои се навистина загрижени за тоа.
Зарем немаше да биде доволно само еднаш премиерот да речеше дека нема да се менува името и дека нема за што да се преговара?
Не, така ќе испаднеше дека се разликува од весниците кои пишуваат големи вести – големи само во насловите.
Вака, и премиерот како и дневните весници, го користат проблемот што го има Македонија со името – за сопствен маркетинг и за привлекување читатели-гласачи.
Едните секојдневно го менуваат – другиов секојдневно го брани.
Со таквото однесување само од Македонија прават – маркетинг република, ништо друго.